НАШИ ИНИЦИЈАТИВИ И АКЦИИ
Бидете во тек со нашите следни чекори, акции и хуманитарни иницијативи
Наскоро нови иницијативи!
Моментално ги подготвуваме следните иницијативи! Во меѓувреме, секогаш можете да се вклучите со донација на волница, предлог за нова акција или со придружување на нашите редовни кафе-средби.
Плетени и хеклани капи и шалчиња
Плетени и хеклани капи и шалчиња, во соработка со хуманитарната организација „Свети Спас“, наменети за учениците од ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“ во Скопје (училиште за деца со пречки во развојот, мултихендикеп и аутизам). Акцијата опфаќа 125 деца на возраст од 6 години до тинејџери, со универзални големини и неутрални бои соодветни за момчиња и девојчиња.
- ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“ - Скопје
- Kапи и шалчиња во неутрални бои (сино, бордо, окер, бело, жолто, сиво)
- Мека памучна или акрилна волница
- Рок на изработка: 15/12/2026
Плетени и хеклани играчки
Плетени и хеклани играчки од памучен конец кои ќе бидат донирани на дечињата кои заминуваат од своето лекување од одделот на Онкологија при Клиника за Детски болести – Скопје. Потребно е да се цврсто сплетени со цел да не излегува силиконското полнење низ дупчињата. Формата на играчките треба да поттикнува борбеност и охрабрување на децата дека се борци, се избориле со нивната деликатна состојба и да продолжат да се борат понатаму во животот.
- Оддел за Хематологија и Онкологија при Универзитетската Клиника за Детски болести - Скопје
- Играчки кои поттикнуваат охрабрување и борбеност
- 100% памучен конец, антибактериско силиконско полнење
- Рок на изработка: 15/12/2026
ПРЕТХОДНИ АКЦИИ
Плетени чорапчиња за новородени бебиња - Струмица
Во оваа акција беа изработени рачно плетени чорапчиња, наменети да донесат нежна топлина и удобност за новороденчиња во гинеколошкиот оддел при болницата во Струмица. Користен беше мек памучен конец и се работеше според шеми на плетење за да не се создадат дупчиња за малите прстиња на бебињата.
- Донирани во Гинеколошки оддел во болницата во Струмица
- Период на изработка: 2026 год.
Зимски плетени продукти за дечиња на Хематологија и Онкологија - Скопје
Акцијата неколку пати е повторена со плетени производи во неутрални бои, од памучна и акрилна волница. Изработени се капи, шалови, калчунки, чорапи, играчки, греачи за глава и ќебенце според потребите и возраста на децата. Продуктите беа распоредени на родителите кои беа во просториите на клиниката.
- Донирани во Оддел за Хематологија и Онкологија при Универзитетската Клиника за Детски болести - Скопје
- Период на изработка: 2019 год, 2021 год и 2025 год.
Хеклани октоподи за предвремено родени бебиња: Скопје, Битола, Прилеп
Хеклани октоподи наменети за предвремено родени бебиња во инкубатор, со цел да ги допираат и држат нивните пипци наместо медицинските сонди и цевчиња. Пипците симулираат папочната врвца и на чувството на сигурност од периодот пред раѓањето, што може да помогне во смирувањето на бебињата. Акциите се реализираа преку неколку донации на пакети со плетени октоподи за ЈЗУ УГАК – Неонатологија во Скопје, каде што дел од донациите беа во соработка со НВО „Лулка“. Покрај Скопје, поддршка и пакети добија и неонатолошките одделенија во Битола и Прилеп.
- Донирани на Клиники за гинекологија во Скопје, како и во одделенијата за неонатологија при Клиничката болница во Битола и Општата болница во Прилеп.
- Период на изработка: 2019, 2020, 2023 и 2025 година
Голема акција на плетени ќебиња за доенчиња и мали деца - Битола
Оваа иницијатива важи за нашата најмасовна акција досега, во која се вклучија околу 90 хумани луѓе. Секој даде свој придонес – од донирање волница, облека, материјали за пакување, етикети и текстилни производи, па сè до плетење и шиење играчки, капи, облека, изработка на плетени квадрати и цели 141 ќебиња, нивно спојување, како и организациска поддршка.
Од нив 105 ќебиња беа донирани за децата во Битола, додека останатите 36 ќебиња, заедно со плетени капи, беа издвоени за донација на деца од ранлива група во Детски дом „11 Октомври“.
- Донирани во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца – Битола и во Детски дом „11 Октомври“ - Скопје.
- Период на изработка: 2024 год.
Топли зимски производи за лица без постојано живеалиште - Скопје
Низ акциите создадовме над 500 парчиња рачно изработени капи, шалови, калчунки, ракавици и друго за нашите сограѓани без постојано живеалиште во Скопје. Производите беа лично поделени на корисниците на хуманитарната помош од „Вистински дела на љубезност“ од страна на организаторите на групата.
- Донирани на корисниците на услугите на „Вистински дела на љубезност“ - Скопје.
- Период на изработка: 2023 и 2024 год.
Сензорни ракавици наменети за лица со деменција - Скопје
Сензорни ракавици (Twiddle Muff) кои се дел од ракав без прсти наменети да ја намалат анксиозноста кај лица со деменција.
Се носат на едната подлактица и овозможуваат допирање, вртење и тегнење со другата рака, помагајќи при смирување на вознемиреноста.
- Донирани во ЈЗУ Спец. болница за геријатриска и палијативна мед. 13 Ноември Скопје
- Период на изработка: 2023 год.
Плетени ќебиња за лица во станбена единица за живеење со поддршка
12 рачно изработени плетени ќебиња се составени од плетени квадрати и се создадени во рамките на проектот „Заедно за повеќе можности и поддршка – ТИМОР“, со цел создавање подобри услови за живот на лицата со интелектуална попреченост во заедницата.
- Донирани во станбена единица за живеење со поддршка – Велес
- Период на изработка: 2021 год.
